Целта на мојата посета на Софија е продлабочување на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, како и зајакнување на институционалната соработка, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за емисијата „Светот и ние” на Бугарската национална телевизија (БНТ).
Османи во интервјуто изрази жалење што оние кои прават обиди да ги влошат македонско-бугарските односи добиваат повеќе на значење во двете земји, од она што е постигнато меѓу институциите.
Тој посочи дека годинава првпат трговската размена меѓу двете земји ќе достигне една милијарда евра, што е резултат на напорната работа на бизнисите од двете страни од границата, но тоа не е видливо за јавноста, туку вниманието е насочено кон провокациите.
– Од двете страни има луѓе кои создаваат тензии и предизвикуваат провокации. Мора да им се спротивставиме на овие провокации, изјави шефот на дипломатијата.
Според Османи, соработката треба да се воспостави не само меѓу политичарите, туку и меѓу претставниците на сите сегменти на општествата на двете земји и таа треба да бидат еден вид мрежа која ќе опстои, дури и кога би се нарушиле политичките односи.
– За тоа треба сеопфатна соработка не само меѓу нас, министрите Османи и Милков, туку и меѓу универзитетите, студентите, докторите… На тој начин да се создаде комплекс од мрежи кои ќе ја одржуваат изградбата на добри односи меѓу нашите две земји и тие да не зависат од политичарите, кои се зависни од внатрешната динамика. Очигледно е дека некој нема интерес за добри односи меѓу Бугарија и Северна Македонија. Има трети земји кои не сакаат регионот на Западен Балкан да биде стабилен и двајца НАТО сојузници да имаат добри односи, изјави Османи.
Според него, добрата вест е дека оние кои се обидоа да градат политичка кариера во Бугарија делувајќи против Северна Македонија, не ја добија поддршката од бугарските граѓани на парламентарните избори.
– Важно е кога станува збор за идентитетот и јазикот, македонските граѓани да не се провоцираат, бидејќи тие стануваат чувствителни и тоа го ограничува просторот да се фокусираме на прашањата кои навистина се дел од Договорот од 2017 година, како што е работата на историската комисија и сите други сектори, како и на патот кон ЕУ, рече Османи.