Над 7.500 домаќинства идната година ќе добиваат намалени сметки за струја
Министерството за економија ќе обезбеди финансиска поддршка за домаќинствата со ниски приходи кои ќе добиваат пониски сметки за електрична енергија во текот на 2022 година. Оваа одлука е усвоена денеска, кога Регулаторната комисија објави дека струјата од 1. јануари ќе поскапи за 9,48%, а притоа ќе се укине дневната евтина тарифа.
„Со ова, Министерството за економија првпат воведува парична помош за најранливите категории граѓани. Согласно програмата за која се предвидени околу еден милион евра, самците и домаќинствата со два члена кои имаат месечни приходи до 18.000 денари и домаќинствата со три члена со месечни приходи до 21.000 денари ќе добиваат помали месечни сметки за електрична енергија за 600 денари. Домаќинствата со четири члена со месечни приходи до 25.000 денари и домаќинствата со пет и повеќе члена кои имаат месечни приходи до 30.000 денари ќе добиваат помали сметки за струја за 800 денари“ – рече министерот за економија, Крешник Бектеши.
Тој вели дека со оваа мерка ќе бидат опфатени над 7.500 домаќинства во Македонија.
„Следниот месец, Министерството за економија ќе распише јавен оглас, а доделувањето на финансиската помош ќе се врши според принципот на најниски примања во домаќинствата во 2021 година“ – рече Бектеши.