Шефот на Вагнер призна дека се мешал во американските избори

Рускиот бизнисмен Евгениј Пригожинпризна дека се мешал во американските избори и порача дека тоа ќе го прави и во иднина, што е прво такво признавање на човекот кого Вашингтон и формално за тоа го обвинува.

„Се мешавме (во американските избори), се мешаме и ќе продолжиме да се мешаме. Внимателно, прецизно, хируршки и на наш начин, како што тоа ние го правиме“, кажа Пригожин во изјава која службата за медиуми на неговата компанија Конкорд ја објави на Вконтакте, руската верзија на Фејсбук.

Изјавата е објавена еден ден пред изборите за американскиот Конгрес како одговор на прашањето за коментар на рускиот портал. Пригожин, кого го нарекуваат „Готвачот на Путин“ бидејќи неговата компанија работи кетеринг за Кремљ, формално е обвинет дека спонзорира „фарми на тролови“ во Русија кои се обидуваат да влијаат на политиката.

Стејт департментот во јули понуди награда од 10 милиони американски долари за информации за Пригожин во врска со „мешањето во американските избори“. Тој е опфатен со американските, британските и санкциите на ЕУ против Русија.

Пригожин до неодамна не се истакнуваше во јавност, но за време на војната во Украина стана погласен, па и со критики на достигнувањата на руските генерали. Во септември призна дека ја финансира приватната безбедносна компанија Вагнер која дејствува во Сирија, Африка и Украина.