Дачиќ: Да паднат маските, да видиме дали САД и ЕУ се на страна на Косово

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ за РТС изјави дека маските треба да паднат и да се види дали бриселскиот договор постои или не.

„Ако САД и ЕУ не можат да излезат на крај со Курти, тогаш тоа е или нивна немоќ, или нивна премолчена согласност“, посочи Дачиќ.

Министерот за надворешни работи рече дека Бриселскиот договор го потпишал додека бил премиер.

„Треба да видиме, по девет години одбивање да се формира Заедницата на српските општини, дали некој размислува да го спроведе Бриселскиот договор, бидејќи затоа го потпишавме“, вели Дачиќ во Дневникот на РТС.

Според него, „Србија не е страна во конфликтот, Србија се бори за заштита на Бриселскиот договор“.

На прашањето дали Западот ќе може да изврши притисок врз Приштина, шефот на српската дипломатија вели дека не знае дали можат да извршат притисок врз Приштина, но дека никој во Србија не верува дека не можат.

Министерот за надворешни работи и порача на Европската Унија дека и нивна обврска е формирањето на ЗСО.

„Јас им велам на ЕУ дека и нивна е обврска да формираат ЗСО, не само на Курти. Кетрин Ештон го потпиша, ако не е така, тогаш и мене ме излажавте“, истакна Дачиќ.

Коментирајќи го излегувањето на Србите од косовските институции, Дачиќ рече дека ова е историска одлука и дека ја поддржува.

„Не треба да се оправдуваме дали тоа е донесено во договор со Белград или не. Цел свет може да носи одлуки за Косово, но Белград не. Ова е одлука на Србите од Косово “, вели шефот на српската дипломатија.

Тој истакна дека е неопходно да се почитува Резолуцијата 1244.

„Велат Украина, Шпанија… имаат права на целата територија, само Србија ги нема тие права. Ако немате објаснување, не го иритирајте српскиот народ. За да се вратат Србите во институциите знаеме што треба да направат Приштина и ЕУ“, рече Дачиќ.