Лидерска средба на парламентарните партии денеска во Собранието

Во Собранието денеска ќе се одржи лидерска средба која ја свика премиерот Димитар Ковачевски, а на која ќе учествуваат претседателите на парламентарните партии во земјава.

Се очекува да разговараат за одлуките кои треба да се носат со широк консензус, односно за внесувањето на Бугарите и другите народи во Преамбулата на Уставот за да продолжи европскиот пат на земјава.

„Лидерската средба ја свикав со цел заедно со сите политички партии кои се застапени во Парламентот да разговараме за европската иднина на државата и за сите одлуки коишто треба да ги носиме во еден широк, општествен и политички консензус“ – изјави Ковачевски.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски изјави дека ќе присуствува на средбата, иако претходно посочи дека на неа треба да се разговара за реални прашања како економијата, сиромаштијата и енергетската криза, а не за уставните промени. Тој додаде дека е подготвен на средбата да ги брани ставовите на партијата.

„Народот од нас очекува да зборуваме за инфлацијата, за енергетската криза, за зголемената сиромаштија, за затворените рудници и фабрики, за нискиот стандард. Ова се темите за кои мора алармантно да се бараат решение, а не за уставни измени или една генерална тема без никакви појаснувања“, изјави Мицкоски.

Од парламентарните партии кои потврдија дека ќе учествуваат на лидерската средба е Алијанса за Албанците (АА).

Таравари рече дека ќе присуствуваат во Парламентот за да разговараат за идната европска перспектива на државата, но како што рече и за „евентуалните промени кои треба да се направат во Уставот“.

Со слични ставови се и од партијата Беса, која пак најави дека во текот на денов ќе соопшти дали ќе присуствува на лидерската средба во Собранието.

Владејачката коалиција во Собранието која е составена од СДСМ, ДУИ, ДПА и Алтернатива имаат вкупно 64 пратеници.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ има 38 пратеници, Алијанса за Албанците 8 пратенци, Беса има 4, Левица 2.

Од Левица соопштија дека нема да присуствуваат на лидерската средба.