„Србија стои покрај нашиот храбар и достоинствен народ на Косово, кој само сака да се спроведат потпишаните договори“ истакна српската премиерка, Ана Брнабиќ, додавајќи дека владата на Србија останува цврсто посветена на зачувување на мирот и стабилноста во регионот.
Оваа изјава доаѓа откако претставниците на Србите од северот на Косово одлучија да ги напуштат институциите на Косово откако односите меѓу Белград и Приштина повторно се вжештија по одлуката на косовските власти да продолжат со планот за пререгистрација на возилата со српски таблички.
Брнабиќ оцени дека со овој потег, претставниците на Србите од Косово едноставно го бранеле меѓународното јавно право и Бриселскиот договор.
„Во својата борба за мир, стабилност, владеење на правото и почитување на сите потпишани договори, тие секогаш ќе ја имааат целосната поддршка од Владата на Србија“ – рече српската премиерка.
Според неа, не се работи за повикување на повикување на конфликти, туку се работи за демократска реакција, која е одговор на контиунираното еднострано кршење на договорот, непочитувањето на Србите на Косово, како и на Европската Унија, која е гарант на Бриселскиот договор.
„Паралелите што екстремистите во Приштина ги повлекуваат со Украина и Донбас се невкусни, несоодветни и некохерентни, но доволно зборуваат за целиот свет за оние што ги користат“ – рече Брнабиќ.
Посочи дека Србите на Косово покажаа трпение и толеранција во текот на претходната деценија, токму затоа што сакаат мир и затоа што веруваат во владеење на правото.
„Секоја година се зголемуваше бројот на напади врз Срби, незаконски им беше конфискуван имотот, ретките повратници беа најбрутално малтретирани и повторно депортирани, невини луѓе беа апсени и осудени спротивно на бриселскиот договор, тие исто така доживеаја дека нивното право на глас, како основно демократско право, беше ускратено, а ниту еднаш не реагираа на начин да го загрозат мирот. Сега тие се едноставно ставени во ќош и продолжуваат да користат само и исклучиво демократски средства во борбата за гол опстанок“ – рече Брнабиќ.
Претседателот на Српска листа, Горан Ракиќ изјави дека претставниците на Србите ги напуштаат сите политички институции, Собранието, Владата и четири општини на северот на Косово. Освен тоа, прекинато е и учеството на Србите во судството, полицијата и административниот персонал во четири општини.