Бајден: Твитер шири лаги низ светот

Американскиот претседател Џозеф Бајден ги критикуваше Твитер и Илон Маск и рече дека милијардерот купил влијателна платформа за социјална мрежа која „шири лаги низ светот“.

„Илон Маск ја контролира опремата што шири лаги низ светот. Нема повеќе уредници во Америка“ – рече Бајден во петокот за време на настанот за собирање средства на Демократската партија во Розмонт, во близина на Чикаго, пренесе „Си-Ен-Ен“.

Неговата изјава уследи по веста дека Твитер вчера отпушти илјадници работници, 50 отсто од својата работна сила, во обид за намалување на трошоците што потенцијално може да го промени начинот на кој работи една од највлијателните светски платформи, само една недела откако беше купена од Маск.

Преземањето беше проследено со извештаи за пораст на расистички коментари и говор на омраза на платформата, при што неколку големи огласувачи ги прекинаа кампањите на Твитер во последниве денови, според американската телевизија.