Експертите и екологистите контра ЕСМ – има на што да се штеди топланите да останат на гас
Експертите и екологистите се децидно против планот на ЕСМ десетина дена да ги грее скопјани со дизел гориво, бидејќи непотребно дополнително ќе се загадува воздухот во градот кој во претстојниот период и онака ќе биде загаден поради падот на температурите и греењето на дрва од десетици илјади домаќинства.
Здравјето на граѓаните е клучно, државата ќе загуби многу повеќе, како последица на нарушеното здравје од загадувањето на воздухот, отколку што ќе заштеди со евентуалната транзиција од гас на нафта, сметаат од невладината „О2 иницијатива“.
За професорот Цицонков од Машинскиот факултет, не е пожелно да се смени енергенсот на кој ќе работат топланите. Тој смета дека разликата во цената не смее да биде причина да се загрозува здравјето на граѓаните.
„Загадување ќе има сигурно. Топланите „Исток“ и „Запад“ се наоѓаат во густо населени места. Тоа загадување ќе има влијание на населението. Преминот од гас на нафта бара во самата опрема да се направат модификации особено со горилникот и можеби неколу проценти ќе се изгубат во ефикасност на согорувањето. Како стручно лице инсистирам да се користи гас наместо нафта и нафтени деривати најмногу заради загадувањето. Апелирам заради разлика во цена да не се загрозува животот и здравјето на граѓаните“, вели професор Цицонков.
На светските берзи цената на нафтата расте. Зголемувањето на цената на дизелот се должи на малата количина на резерви и недостигот од овој енергенс во ЕУ и САД, а експертите очекуваат цените на нафтата да се искачат на 100 долари годинава и да се тргуваат над 120 долари во 2023 година.
Моментните цени на гас на светските берзи се најниски во изминатите неколку месеци, стабилни и што е најважно, најавено е дополнителен пад на цената.
ЕСМ најави дека во рамките на „Планот Б“ од 15 ноември десетина дена скопјани ќе се греат на дизел горицво за да се провери системот дали може да работи на овој енергенс, но само доколку цените на гасот повторно неколкукратно да се зголемат или, пак, да настане недостаток од овој енергенс.
Доколку „Планот Б“ стане „План А“, односно цената на гасот енормно се зголеми или пак енергенсот не може да се набави, од ЕСМ соопштија дека државните резерви на нафта од кои ќе се снабдуваат топланите е 100 милиони литри, а со максимален погон двете топлани до крајот на грејната сезона ќе потрошат најмногу половина, 50 милиони литри.