Маск денеска започнува со масовни отпуштања на Твитер

Илон Маск денеска ќе започне со масовни отпуштања на Твитер, објави компанијата во е-маил испратен вчера до вработените.

„Во обид да поставиме здрав пат за Твитер, во петок ќе поминеме низ тешкиот процес на намалување на нашата глобална работна сила“, се вели во е-маилот во кој увид имал „Ројтерс“.

И „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“ исто така известија за отпуштања и се повикаа на интерен е-маил.

Веста за отпуштањата на Твитер доаѓа по шпекулациите дека Маск ќе отпушти дури 50 отсто од работната сила на социјалната мрежа, само неколку дена откако стана шеф на компанијата што ја купи за 44 милијарди долари. Ова може да значи губиток на илјадници работни места, со оглед дека компанијата имала повеќе од 7.000 вработени на крајот на 2021 година.

Во е-пошта до вработените, Твитер објави дека нивните канцеларии ќе бидат привремено затворени и секој пристап ќе биде суспендиран „за да се осигури безбедноста на секој вработен, како и Твитер системот и корисничките податоци“.

Маск веќе отпушти некои директори на Твитер веднаш откако ја презеде контролата врз компанијата.