Поранешниот пакистански премиер Имран Кан ранет е во ногата во престрелка што се случила за време на протестен марш во источниот град Вазирабад.
Како што јавува Би-би-си, еден од соработниците на Кан за АФП изјавил дека се работи за очигледен обид за атентат, но полицијата допрва треба да потврди дали целта била поранешниот премиер. Членовите на ПТИ, партијата на Имран Кан, изјавија дека уште четири лица се повредени во престрелката. Кан (70) го предводеше маршот кон Исламабад, со цел да побара распишување предвремени избори во Пакистан.
На снимките од социјалните мрежи се гледа како поранешниот премиер го пренесуваат во болница во Лахоре. Портпаролот на неговата партија изјави дека Кан бил застрелан во потколеницата. Јасмен Рашид, министерот за здравство на провинцијата каде што се случи пукањето, рече дека поранешниот премиер е во стабилна состојба.
Според информациите на пакистанската телевизија Гео ТВ, мажот осомничен за пукањето е уапсен.
Актуелниот пакистански премиер Шехбаз Шариф го осуди пукањето и нареди итна истрага.