23-годишникот од Скопје кој беше приведен од полицијата под сомнение дека е поврзано со заканите за бомби во неколку средни училишта во изминатите денови на територијата на главниот град е пуштен бидејќи според првичните сознанија не бил поврзан со испратените пораки, велат од Обвинителството.
Откако вчера попладне беше приведен јавен обвинител доставил барање до судот за претрес во неговиот дом и при што се одземени електронски уреди.
-Во текот на измината вечер по напатствија на јавниот обвинител се извршени сите неопходни дејствија со цел да нема дополнително задржување на лицето. Со оглед дека првичните вештачења не покажаа поврзаност на лицето со испратените пораки, лицето по извршениот распит е пуштено на слобода.-ЈОРМ
Од МВР претходно информираа дека лицето е приведено поради сомнение за поврзаност со заканите за бомби.
Идентитетот на приведениот скопјанец го објави платформа именувана како ,,Конзерватив.мк” синоќа на својот фејсбук-профил наведувајќи дека се работи за нивниот член и активист Никола Николовски но и дека тој е неправедно уапсен.
-Ова е класичен напад врз слободата на говор, демократијата и начин како да се притиснат неистомислениците, затоа ќе се погрижиме настанот да биде целосно расветлен пред органите.
Помеѓу другото стои во нивната објава, а преку порака на социјалните мрежи по распитот се јави и Николовски кој напиша дека –
-Ова е цената на јавното искажување став во Македонија. Ниту имам мотив, ниту потреба да вознемирувам цели фамилии со „дојавите за бомба во средните училишта“, напиша -Никола Николовски на фејсбук.
А од опозициската ВМРО ДПМНЕ преку соопштение прашаа дали некој во МВР ќе понесе одговорност и дали министерот Спасовски ќе се извини како што велат за линчот врз младиот човек.
Повеќе скопски училишта во текот на минатата недела но и вчера на нивните електронски адреси добиваа дојави за бомби кои по проверката на од страна на антитерористички полициски единици се потврди дека се лажни.