Д-р Васев вели дека се повлекол од лични причини, откако министерот Сали го повика да даде оставка

Д-р Нино Васев, кој денеска поднесе оставка од директорската функција во Клиниката за онкологија по барање на министерот за здравство Беким Сали, во изјава за „Фокус“ вели дека се повлекува поради „лични причини“.

По барање на Сали, денеска оставка поднесе и д-р Аспазија Софијанова, досегашната директорка на Клиниката за детски болести.

„Оставката ја давам од лични причини. Нема некоја друга причина која би ја кажал. Останувам како лекар на клиниката и за сѐ што им требам на моите пациенти“, вели д-р Васев за „Фокус“.

Претходно, министерот за здравство Сали рече дека во последниот период и на двете клиники имало „доста скандали поврзани со работата на директорите“.

„На тој начин се создадоа и сомнежи околу нивната работа и затоа тие денес си поднесоа оставки и на нивно место ќе бидат назначени нови директори“, вели Сали.