Бајден прв пат ја прослави Ноќта на вештерките во Белата куќа

Американскиот претседател Џо Бајден и првата дама Џил Бајден вчера вечер ги пречекаа посетителите со костими во Белата куќа, што е првпат да бидат домаќини на ваква прослава откако ја презедоа функцијата.

На Бајден, кој беше во Европа за Ноќта на вештерките минатата година, особено му се допадна костимот на дете облечено во вреќа чипс и се фотографираше со мало дете облечено како Баз Лајтјер, лик од франшизата на Волт Дизни и Пиксар, Приказна за играчките.

Подароци беа делени и од претставници на Министерството за образование, Министерството за транспорт, НАСА, Тајната служба на Соединетите држави, противпожарната бригада и персоналот на Белата куќа.

Меѓу другите, низ Белата куќа прошетаа ликовите на Дизни и оние од Војна на ѕвездите, како Дарт Вејдер. Јужниот трем на Белата куќа беше украсен со есенски бои и тикви, а песните како Огнен прстен, Психо и Сала на планинскиот крал го потврдија расположението.