ЕУ и НАТО ја повикаа Русија да ја повлече одлуката за суспензија на договорот за извоз на жито

Руското Министерство за одбрана вчера објави дека земјата одлучила да го суспендира договорот со Украина за извоз на жито и други земјоделски производи од украинските пристаништа на Црното Море, откако украинските сили ги нападнале бродовите на Крим, кој е окупиран од Русија.

Европската Унија и НАТО изразија длабока загриженост поради одлуката на Русија да го суспендира договорот со Украина за извоз на жито од оваа земја и ги повикаа руските власти да ја повлечат оваа одлука.

„Одлуката на Русија да го суспендира учеството во Црноморскиот договор (за житарици) го става на ризик главниот извозен пат за многу потребните жита и ѓубрива за справување со глобалната прехранбена криза предизвикана од нејзината војна против Украина. Апелираме до Русија да ја промени својата одлука“, напиша на Твитер шефот на европската дипломатијата, Жозеп Борел.

„Претседателот Владимир Путин мора да престане да ја користи храната како оружје и да стави крај на неговата нелегална војна против Украина. Ја повикуваме Русија да ја преиспита својата одлука и итно да го обнови договорот, овозможувајќи храната да стигне до оние на кои им е најпотребна“, рече портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску.
Таа истакна дека извозот на жито од Украина помогна да се намалат цените на храната ширум светот, а дека договорот кој Москва и Киев го постигнаа со посредство на Турција го поддржале сите сојузници на НАТО.

Руското Министерство за одбрана вчера објави дека земјата одлучила да го суспендира договорот со Украина за извоз на жито и други земјоделски производи од украинските пристаништа на Црното Море.

Русија соопшти дека таа одлука уследила откако украинските сили ги нападнале бродовите на Крим, кој е окупиран од Русија. Се вели дека некои од нападнатите бродови се цивилни бродови вклучени во обезбедувањето на „коридорот за жито“ за да се овозможи извоз од три украински пристаништа на Црното Море.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече потегот на Русија „апсолутно транспарентна намера на Русија повторно да и се закани на Африка и Азија со глад“.

„Зошто грст луѓе во Кремљ можат да одлучат дали луѓето во Египет или Бангладеш ќе имаат храна на нивните маси? Сега е потребен силен меѓународен одговор. И на ниво на ОН и на други нивоа. Конкретно, на ниво на Г20“, порача Зеленски во своето синоќешно обраќање до јавноста.
Во меѓувреме, украинското Министерство за инфраструктура информира дека поради одлуката на Русија за прекин на договорот за извоз на жито, блокирани се 218 бродови.

Русија и Украина во јули годинава се согласија за деблокирање на украинските поморски пристаништа и извоз на житни култури од оваа земја. Договорот беше потпишан од министри од двете земји на 22 јули, а е со посредство на Обединетите нации и Турција. Украинскиот извоз на жито опадна откако Русија ја нападна земјата на 24 февруари и ги блокираше нејзините пристаништа на Црното Море, што ги зголеми светските цени на храната. Со потпишувањето на договорот меѓу Киев и Москва, три црноморски пристаништа беа деблокирани.