Ковачевски: Да го избереме најдобриот пат, или во случајов најдобрата пруга кон европската иднина

„Пругата наречена надеж“ е сосема прецизна формулација за проектот железница кон Бугарија, рече премиерот Димитар Ковачевски од местото Шупли Камен во близина на Куманово каде што денеска официјално започна изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово – Бељаковце – Крива Паланка.

Ковачевски кажа дека е свесен оти кај граѓаните постои скептицизам дека пругата кон Бугарија некогаш ќе биде изградена, но додаде дека единствената опција која постои е удвојување на напорите со соседите и со ЕУ за овој проект да стане реалност.

„Можеме секако да зборуваме зошто нешто не можело или како требало да се направи. Но имаме и опција да избереме да работиме и да одиме напред, да го избереме најдобриот пат, или во случајов најдобрата пруга кон европската иднина. Денеска затоа велам дека рехабилитацијата и зафатите на Коридорот 8, железничката пруга која ја поврзува Република Северна Македонија со Република Бугарија стануваат реалност“ – посочи Ковачевски.

Освен што земјава е клучна точка на поврзување и кон Европа и кон Јадранското и Црното Море, со овој проект, посочи Ковачевски, нашата држава станува и реална крстосница на Балканот, отворајќи простор за раст, развој и напредок на повеќе полиња.

„Оваа инвестиција на Северна Македонија ѝ отвора нови европски рути за железнички превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата во Бургас и Варна во Бугарија и пристаништето Драч во Албанија што е од исклучителна важност за нашата економија но и генерално за соработката на регионот во целина како и соработката на регионот со други региони во Европа“ – истакна премиерот.

Освен економски развој на земјата и регионот, Ковачевски посочи дека очекува оти изградбата на долгоочекувата пруга кон Бугарија да придонесе и кон подобрување на регионалното поврзување и регионалната соработка.

Ковачевски нагласи дека пред нас престстои процес на реформи за железничкиот транспорт и ја искористи приликата да се заблагодари на партнерите од Европската Унија, кои, како што рече, ни овозможија преку заеднички проекти да ја отпочнеме изградбата на модерна и ефикасна железничка мрежа во регионот.

„Европската Унија е наш партнер во процесот на реформи, европскиот пристап, начин на работа и живот – сè она кон кое целиме, а тоа секако вклучува модернизиран железнички сообраќај кој ќе ја олесни комуникацијата помеѓу земјите во регионот. Токму затоа овој проект е особено важен како за нас, така и за нашите соседи“ – нагласи премиерот.