Министерството за образование и наука соопшти дека училиштата се и ќе останат средина во која учениците ќе се чувствуваат безбедно и ќе го развиваат својот потенцијал преку непречена и квалитетна реализација на воспитно-образовниот процес.
„Тоа е суштината на постоењето на образовните установи и МОН го осудува секој обид за попречување и прекин на наставата, одвлекување на вниманието на учениците и наставниците од реализацијата на секојдневните училишни, односно работни обврски и создавање непотребни грижи за нивната сигурност во училниците“ соопштија од МОН по заканите за бомби во неколку училишта низ Скопје.
Три дена по ред преку меjл на училиштата се испраќаа пораки за поставени бомби. По направените проверки од страна на МВР беше утврдено дека пријавите се лажни.
Од МОН апелираат до училишните раководства да го подигнат нивото на безбедност во објектите и да продолжат со организација на воспитно- образовниот процес. Оттаму изразуваат и надеж дека од страна на соодветите органи ќе бидат пронајдени одговорните и санкционирани час поскоро.