Дваесетина актери денеска се качија на сцената на Драмски театар и со последен аплауз го испратија колегата Марин Бабиќ, кој почина на 16 октомври на 74 години по кратко боледување.
На комеморацијата во неговата матична куќа говореше неговата ќерка Маја Бабиќ, која сподели интимни детали од растењето со доајенот на македонското глумиште, кој беше и познат радиоводител и идеен творец на манифестацијата „Глумците пеат“.
„На оваа сцена бев само еднаш, за ‘Чук, чук Стојанче’. Прв и последен пат. Иако често со сестра ми Ира седевме во салата, се врткавме по ходниците и ќошињата на Драмски и гледавме стотици претстави, некои ги знаевме наизуст, тој никогаш не ни дозволи да бидеме на сцената. Веројатно и сега од некаде гледа и карактеристично ја подига едната веѓа и се лути што сум овде. Го сакаше Драмски, живееше за, и во него. Беше дел од неговите ѕвездените моменти, а јас и Ира за среќа имаме доволно години да ги паметиме и да бидеме дел од таа приказна. Толку многу ја сакаше оваа сцена што знам колку тешко му падна кога мораше да се раздели од неа. Сепак смислуваше начини како да ѝ се врати со некои нови проекти и улоги. За жал, планот не му успеа“, зборуваше Маја.
На театарската сцена за прв пат застанал на 8 години во Прилеп и разбирајќи што сака да биде во животот, запишал „ Или глумец или магаре“. Покрај многуте успешно одиграни улоги во театар, на филм и телевизија, ќе остане запаметен како репер за квалитетна радиска програма, стои во телеграмата со изрази на сочувство, која по повод смртта на Марин Бабиќ, ја упатил претседателот Пендаровски, а ја прочита актерката Маја Вељковиќ –Пановска.