Украина побарала Иран да не испраќа оружје во Русија

Иран да престане да испраќа оружје во Русија побарал украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во телефонски разговор на 28 октомври со неговиот ирански колега, Хосеин Амир-Абдолахиан.

Кулеба на Твитер напиша дека побарал од Иран веднаш да прекине испорака на оружје кон Русија, што се користи за убивање цивили и уништување на критичната инфраструктура во Украина.

Киев и неговите западни сојузници ја обвинија Русија дека користи беспилотни летала произведени од Иран во нападите врз електричните централи и друга инфраструктура, за кои велат дека служат да ги остават Украинците без топлинска енергија во претстојната зима. Соединетите Американски Држави, заедно со Велика Британија и Европската унија, воведоа санкции кон Иран поради дроновите.

Украинскиот систем за противвоздушна одбрана успеа да собори дел од беспилотните летала, но други стигнуваат до своите цели и предизвикуваат значителна штета, особено на енергетската инфраструктура.

Украина вели дека околу една третина од нејзините електрани се уништени откако Русија го започна првиот бран целни инфраструктурни напади на 10 октомври.

Штетата ги натера украинските власти на 28 октомври да објават дополнителни прекини во снабдувањето со струја во и околу големите градови.