„Кој стои зад финансирањето на бугарските клубови во Македонија и на клубот на Македонците во Бугарија?“, реторички праша деновиве македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи. Оваа информација, по која најави дека трага, самиот ја одговори ден подоцна.
За македонскиот клуб во Благоевград, Османи рече дека го финансира македонско здружение од Канада. За бугарските клубови „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, министерот не понуди одговор.
Информациите за сите вакви иницијативи се лесно проверливи на интернет. Македонското меѓународно движење за човекови права, самото, на втори октомври, на својата интернет-страница најавува дека тие го финансираат отворањето на македонскиот културен центар „Никола Вапцаров“.
Движењето пишува дека и понатаму ќе продолжат да го финансираат центарот што го носи името на поетот и комунист од 20 век, кој и Бугарите и Македонците сметаат дека етнички ним им припаѓа.
Врз таа исклучивост, дека тој е само Бугарин, советниците на Општина Благоевград ја усвоија декларацијата со која категорично се спротиставуваат, како што изгласаа, „на антибугарската провокација за отворање на т.н. македонскиот културен клуб Никола Вапцаров“.
Во тој документ, тие ги повторуваат истите тези на софиската влада кога реши да го блокира македонскиот пат во Европската Унија во 2020 година. Тврдат дека македонската нација не постоела и е вештачки создадена, дополнувајќи дека „единствена причина за постоење била да им служи на интересите на болшевичката партија и на Советскиот Сојуз“.
Имињата на клубовите на Бугарите во Македонија што се отворија годинава будат спротивни емоции. „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, македонското општество ги отфрла како фашисти.
Здруженијата „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ ги финансира бугарскиот доктор и бизнисмен Милен Врабевски. БИРН, преку неговата компанија Комак Медикал во Софија, побара контакт, на кој сè уште не е одговорено.
Врабевски, на страницата на својата фондација „Бугарска меморија“ ги промовира двете здруженија. Самиот вели дека ги финансирал и нивните отворања, ја помага нивната работа, а учествува и во обновата по оштетувањата што им се случија.
Бугарскиот бизнисмен, вљубеник во музиката, чиј музички проект минатата година ја претставуваше Бугарија на Евровизија, според она што го финансира наликува на човек со два различни интереси. Едниот интерес се новите технологии, па финансира проекти поврзани со роботика. Од друга страна – вљубеник во бугарската историја и минато – преку проектите како што се двете здруженија во Македонија.
Разгледувањето на интернет-страницата на фондацијата „Бугарска меморија“ дава конкретна слика што сѐ финансира во земјава. Еден од поновите проекти што ги наведува Врабевски е поддршката на Мал битолски Монмартр, откако како што и самите пишуваат, Македонија го откажала финансирањето.
Понатаму, фондацијата го организира традиционалното одбележување на 6 Мај – Денот на храброста и празникот на бугарската армија на Воениот споменик во Ново Село, дава пари за библиотека во Охрид, а еден од поголемите проекти е изградбата, на, како што пишуваат, најголемиот храм во Македонија, кој во 2020 година почнал да се гради во Делчево.
Во македонската јавност, неговото име беше често споменувано за време на ковид-кризата, кога отвори пунктови на македонско-бугарската граница за вакцинација на македонски државјани.
„Да, навистина. Моите иницијативи се строго синхронизирани со, а понекогаш и се направени по барање на бугарската држава“, одговори Врабевски неодамна во интервју.