Руски тим истражители со брод изнајмен од компанијата „Норд стрим АГ“ пристигна на местото каде беа ошетени гасоводите „Северен поток 1 и 2“, и за 24 часа ќе биде подготвен да почне со истрагата, соопшти компанијата „Норд стрим АГ“. Од компанијата е појаснето дека за дел од истрагата што се однесува на гасоводот во данската зона на експлоатација, се уште се чека на дозвола од властите во Копенхаген.
Истражителите на „Гаспром“ пристигнаа на Балтичкото Море очекувајќи данските власти да им дозволат да ја започнат истрагата што руското Министерство за надворешни работи ја побара на 13 октомври. Властите во Копенхаген пред две недели соопштија дека руското барање ќе биде обработено за 20 работни дена, но и оти експертите на „Гаспром” нема да можат да ги проверуваат оштетувањата на цевководот се додека не завршат официјалните истраги.
Истраги за експлозиите на „Северен поток 1 и 2“ паралелно спроведуваат шведските, данските и германските власти, по пропаѓањето на обидите за заедничка истрага поради одбивањето на властите во Стокхолм да споделуваат „информации релевантни за националната безбедност“. Руското Министерство за надворешни работи по остварените контакти со дипломати од Германија, Данска и од Шведска соопшти дека Москва во секој случај нема да ги признае „квази-резултатите“ од таквата истрага, во која не е дозволено учество на руски експерти.
Рускиот претседател Владимир Путин го обвини Западот за саботажа на гасоводите, додека американските власти постојано тврдеа дека тоа го направиле Русите. Трите одвоени истраги за експлозиите засега не ги идентификувале сторителите.