Урсула фон дер Лајен утре на средба со Вучиќ, ќе разговараат за енергетиката, но и дијалогот меѓу Белград и Приштина

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, по денешниот престој во Приштина, утре ќе пристигне во Србија во рамки на нејзината турнеја по Западен Балкан.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на аеродромот „Константин Велики” во Ниш ќе ја пречека претседателката на Европската Комисија, а потоа заедно ќе ги обиколат работите на изградбата на гасниот интерконектор меѓу Србија и Бугарија во местото Јелашница, соопштија од кабинетот на Вучиќ.

Средбата меѓу Вучиќ и Фон дер Лајен ќе се одржи подоцна попладне, во Белград.

Според белградските медиуми, главни теми на разговор во Белград треба да бидат енергетиката, усогласувањето со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија и дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Претседателката на ЕК вчера ја започна својата турнеја низ Западен Балкан со посета на Северна Македонија, од каде соопшти дека Европската Унија подготвила пакет поддршка за целиот Западен Балкан за да му помогне да се справи со енергетската криза.