Дојава за бомби повторно е пратена денеска во неколку средни училишта во главниот град. Се евакуираат ученици, полицијата е на терен.
Вчера антитерористичката единица на МВР по деталната проверка утврди дека беше лажна дојавата за бомба во осум училишта на територијата на Скопје.
„Денеска (27.10.2022) во СВР Скопје околу 14 часот е пријавено дека на меил адреси на девет училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“ информираа денеска од МВР.
Заканувачот денеска наводно испратил електронска пошта од друга адреса.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски утрово изјави дека истрагата за вчерашните пријави за бомби е во тек и познати се првите податоци за тоа од каде се испратени тие е-пораки.
„Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките. Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата и на сите нас. Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија“, рече Спасовски.