Цените на основните прехранбени производи ќе се намалат за 10 отсто
Намалени цени на основните производи и решавање на проблемот со топлинската енергија со помош на когенеративната термоелектрана ТЕ-ТО, кој ќе започне со работа на 1 ноември, се само дел од мерките коишто ги најави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши, со цел ублажување на ефектите од кризата во пресрет на зимата.
По средбата со претставници на прехранбената индустрија, тие најавија дека цената на основните прехранбени производи како лебот, пецивата, брашното, маслото за јадење и млекото во наредниот период и можеле да поевтинат за 10 проценти, со што ќе се сопре вртоглавиот скок на цените изминативе неколку месеци.
Бектеши најави дека Владата ги подготвила мерките, со кои компаниите на основните прехранбени производи ќе може да набавуваат струја по поволна цена од 100 евра по мегават час, што е двојно или тројно пониска од сега. Пониската цена на струјата ќе овозможи да производите да се продаваат за цена која што е прифатлива за граѓаните.
„Во формулација на финална цена на одреден производ има многу импути, а еден од нив е електричната енергија. Во делот на тој импут, тоа што моментално го имаат е двојно пониска и согласно таа формулација најверојатно ќе бидат намалени цените на финалните производи. Мислам дека струјата нема да биде поскапа“, вели Бектеши.
Проценките се дека за еден месец треба да се стабилизира пазарот, па потоа за 10 проценти би можела да се спушти цената на основните производи.
Според него, Владата има механизми во случај на злоупотреба на цените да се донесат одредени одлуки согласно мерките за замрзнување на одредени цени на основни прехранбени производи. „Ова е само почеток на донесување на вакви мерки, ќе следуваат и уште многу мерки, со цел да ја ублажиме кризата и за заштита на стандардот на потрошувачите’, додаде тој.
Министерот е дециден и дека ќе се обезбеди топлинска енергија со работата на ТЕ-ТО. Засега АД ЕСМ целосно ги задоволува потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи исклучиво од сопствените, домашни капацитети.