Музиката на Кирил Џајковски дел од новиот проект на Амстердам Синфониета
Во текот на септември и октомври се реализираа 11 изведби на проектот The Waste Land на Амстердам Синфониета.
Овој музичко балетски перформанс е инспириран од една од најпознатите поетски творби на 20тиот век „Пуста земја“ (The Waste Land) од Т.С. Елиот. Освен од Кирил Џајковски во овој проект се користеше музика и од Stravinsky, Layegh, Berg, Nyman.
Проектот кој во холандските медиуми беше опишан како прекрасна фузија од музика, поезија и танц беше одлично примен и посетен од холандската публика во Амстердам, Ротердам, Утрехт, Тилбург и останатите градови во кои се реализираше оваа турнеја.
„По неверојатната турнеја, на следниот линк може да ги погледнете еден од највпечатливите моменти на овој перформанс, изведбата на „Brothel Tango“ од Кирил Џајковски“- изјавија од Амстердам Синфониета.
Овој проект е уште едно продолжување на активностите на Џајковски поврзани со театарска и филмска музика. Пред неколку месеци работеше на музиката за последниот проект на Александар Поповски „Хероини“ кој беше поставен во Љубљанскиот градски театар, а во текот на идниот месец своја фестивалска премиера ќе има и словачкиот филм „Piargy” кој го режираше Иво Трајков, а за кој музиката ја напиша Џајковски.
Во ноември и музиката од филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски за првпат ќе има официјално дигитално издание на сите светски дигитални музички сервиси.