Славески: Високата инфлација ја брише средната класа

Економската ситуација во Македонија е лоша, речиси и да немаме раст или тој е многу низок. Се намалува бројот на вработените во индустријата, има проблеми и во текстилната индустрија и ја губиме цела една дејност. Во моментов имаме највисока стапка на инфлација, двојно повисока од еврозоната, посочува поранешниот министер за финансии, Трајко Славески во вториот дел од интервјуто за „Република“.

Тој смета дека секое раздвојување на стапката на инфлација од нашата со таа од еврозоната врши пристисоци врз девизниот курс.

Во прво време и на краток рок ја намалува конкурентската способност на македонската економија и нашите стоки стануваат поскапи во однос на конкурентите. Тоа може да има далекусежни последици.

Славески нема дилема дека владата задоцни со мерките.

Се задоцни со мерките во монетарната политика и зголемување на благајничките записи. Тоа потпомага да се надувува меурот кај недвижностите во однос на цените. Оние што имаат средства да купат нов стан се задоволни, но што станува со младите луѓе кои онака не можеа да дојдат до стан а сега е уште полошо. Сега имаме прелевање на средства од штедачите и најсиромашните кај оние кои купуваат втор или трет стан да „затвореле“ пари бидејќи прениски се каматите на депозитите.

Тој предупредува дека инфлацијата може да донесе хаос.

Во услови на инфлација се губат оние рутини на нормално работење. Вие како бизнисмен или потрошувач треба да се плашите што ве чека во блиска иднина. Во тој хаос доаѓа нешто што јас го нарекувам потрага по вистинска цена. Еве јогуртот ќе одредат цена од 90 денари. Кога ќе видат дека рокот поминува ќе го симнат или ќе дадат попуст. Тоа се вика „откривање на цената“ и кај нас е поврзано со високата стапка на инфлација.

Славески објаснува зошто цените на некои основни прехранбени производи во Германија да се пониски од Македонија.

„Тука влијаат два фактори. Тоа е растот на цената на импутите, но ќе кажете веднаш дека расте и за нив. Објаснувањето е што нашата инфлација е повеќе од двојно повисока од таа во Германија и со тек на време цените на основните продукти ќе ги достигнат цените таму. Ние се одржуваме како економија, како животен стандард со тоа што она што самите го произведуваме и цените се пониски. Сега со високата инфлација тоа е се нарушено. Високата инфлација ја брише средната класа. Кога ние сме стигнале цените на основните производи да се еднакви со Германија или пак цената на едно еспресо во Скопје да биде евро и половина а во Италија кога порасна од евро на евро и десет центи започнаа побуни. Ова е аргумент плус да се поводи сметка за инфлацијата и монетарната политика“ вели тој.