Остар пад на доларот, курсот на еврото е над 1 долар
На валутните пазари, вредноста на доларот во однос на кошницата валути нагло падна бидејќи темпото на зголемување на каматните стапки од страна на ФЕД се очекува наскоро да се забави. Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 109,63 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 111,00 поени.
Во однос на јапонската валута, курсот на доларот потона на 146,10 јени, додека вчера во овој момент изнесуваше 148 јени. Цената на еврото од вчерашните 0,9955 порасна на 1,0070 долари, што е нејзино највисоко ниво од 13 септември. Лидерите на Европската централна банка денеска се состануваат, а аналитичарите очекуваат повторно да ги зголемат клучните каматни стапки за 0,75 процентни поени, бидејќи инфлацијата во еврозоната се уште е на рекордно ниво.
„Пораките од ЕЦБ ќе бидат важни. Прашањето е дали тие ќе покажат целосна посветеност на ограничувањето на инфлацијата или слабоста и загриженоста за предизвикувачкото економско опкружување“, рече Родриго Катрил, валутен стратег во Националната австралиска банка.
Цените на нафтата, пак, дополнително се зголемија, откако вчера скокнаа за повеќе од 3 отсто. Цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 0,20 отсто, на 95,90 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,18 отсто, на 88,05 долари.
Цените на азиските акции пораснаа во четвртокот бидејќи инвеститорите се надеваа на забавување на темпото на затегнување на глобалната монетарна политика во наредните месеци, додека еврото се проби над 1 долар поради очекувањата за агресивно зголемување на каматните стапки на ЕЦБ.
MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, беше во плус 1,2 отсто за околу 7 часа, зајакнувајќи втор ден по ред.
Истовремено, индексот Никеи падна за 0,1 отсто на токиската берза, а благо паднаа и цените на акциите во Шангај. Во Австралија, Јужна Кореја и Хонг Конг тие се зголемија меѓу 0,6 и 1,8 отсто. Поради послабите од очекуваните квартални деловни резултати од голем број компании, вклучително и технолошките гиганти Самсунг и Мета платформи, на пазарите е претпазливост.