Божиновски за физичкиот напад врз него: Жив сум, повредите ќе поминат, но во прашање е општа небезбедност

Жив сум, со повреди кои ќе поминат, семејството ми е вознемирено, а на станарите од десетина станбени згради во моето соседство синоќа им е испратена порака „не сте безбедни, ова е небезбедна држава, секој може да ве начека пред вашиот влез и да ве претепа, не очекувајте подобро од ова“, напиша на својот фејсбук-профил сопственикот на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, кој вчера вечер бил нападнат и претепан од неколку непознати лица пред својот дом во Битола.

Во објавата Божиновски не посочува конкретни мотиви за нападот врз него, ниту евентуални лица за кои се сомнева дека стојат зад него.

„Како контроверзен, а всушност неприлагоден новинар во македонската медиумска баруштина, денес со ладна глава гледам на ова што се случува. Ми се случува мене, ама во прашање е општа небезбедност. Секој ден имаме насилство, пријавено или непријавено, секој ден малите луѓе трпат од наводно големите, оние што ги ограбија. Трагично е што ова мене ми се случува во период на деветгодишен кривичен прогон за ич ништо, оти на будали на власт им текнало пред девет години дека можат да ме уништат со монтиран политички процес, без докази, без сведоци, без логично образложение на тоа што ми го измислиле како обвинение, а не личи на ништо. Илјада и сто такви како мене се процесуирани, згазени, речиси секој втор од нас има починат член на семејство од стресовите кои ни ги приредија. И тоа оди во недоглед, Влади се менуваат, лажни програми ни се сервираат, најмуваат интелектуалци да им бранат неодбранливо. А јас сум само пречка на нивниот пат кој не води никаде“,
пишува Божиновски во објавата на „Фејсбук“, додавајќи дека ќе продолжи по патот „кој го одам од мај 1999 година“.