Обвинение против тројца поранешни министри и вицепремиер на Хрватска

Жупанискиот суд во Загреб обвини тројца разрешени министри на ХДЗ, Дарко Хорват, Јосип Аладровиќ и Томислав Толушиќ и поранешниот вицепремиер Борис Милошевиќ.

Обвиненијата најмногу се однесуваат на договарање поддршка за подрачја населени со национални малцинства, незаконски вработувања во државни служби и други незаконски дејствија.

Станува збор за единствено обвинение во кое се опфатени тројца хрватски министри и вицепремиери од редот на националните малцинства кои беа разрешени поради разни афери кои резултираа со ова обвинение на УСКОК.

Хорват беше уапсен во февруари годинава под сомнение за злоупотреба на службената положба.

Тој е првиот министер во Хрватска кој е уапсен за време на неговиот мандат, а функцијата министер за градежништво ја извршуваше во 2020 година, а претходно извесно време беше министер за економија, претприемништво и трговија.

Уште пред апсењето, Хорват беше сослушан во полиција во 2020 година, откако беше уапсена неговата помошничка Ана Мандац, поради нејзината поврзаност со случајот на поранешната државна секретарка во Министерството за администрација, Јосипа Римац. Хорват на крајот беше уапсен поради пораките што беа пронајдени во телефонот на Ана Мандац, за кои истражителите сметаа дека се важен доказ во истрагата против поранешната министерка во аферата со незаконски распределби на поддршка на малите претприемачи.

Инспекторите ги пронајдоа и сите списоци на компании испратени до Мандац од поранешниот вицепремиер Борис Милошевиќ и поранешниот министер за земјоделство Томислав Толушиќ, како и државниот секретар на Министерството за регионален развој Велимир Жунац и директорката на администрацијата Катица Мишковиќ.
Тоа беа фирми на луѓе кои им беа блиски, со кои беа политички поврзани, а бројни фирми беа во сопственост на претставници на малцинствата. Милошевиќ лобирал за второто, а истражителите пронашле и пораки во кои Мандац го информирал дека списокот од околу 15 фирми што и ги доставил треба да се преполови.