ВМРО-ДПМНЕ: Аферата продолжува – Ковачевски да ги разреши Муслиу, адвокатот Јевтиќ и директорот на Македонски шуми

Високи функционери на власта свесно прекривале колкав имот поседуваат, органите на прогон да покренат истрага, бараат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата обвинуваат дека 123 високи функционери на власта кријат таен имот во вредност од 30 милиони евра.

„Аналитичарот на СДС, Алберт Муслиу, најпознатиот адвокат на СДС, Ивица Јевтиќ, Валентин Груевски – директор на ЈП Македонски шуми и Новица Печински – член на Управен одбор Здравствен дом – Берово се само дел од функционерите кои го кријат својот имот, а се директно поврзани со владата на СДС.

Муслиу, дедо на младиот олигарх Дарко Каевски и верен поддржувач на политиките на СДС, пет години не поднел анкетен лист, и покрај тоа што имал законска обврска истото да го стори со оглед дека е назначен од Владата во Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Според информациите со кои располагаме, истиот поседува куќа во Скопје и стан во Центар, а се јавува како основач и сопственик на повеќе правни лица, здруженија и фирма за трговија.

Имено, адвокатот Јевтиќ покрај ангажирањето од страна на функционери на СДС за пишување на тужби за навреди и клевети, е и член на Управниот одбор на Прифатниот центар за баратели на азил. Истиот тој адвокат кој што сигурно треба да знае дека треба да достави анкетен лист до Антикорупциска, го крие, а поседува стан во Скопје, основач е на адвокатското друштво Тошиќ – Јевтиќ, а од 2020 година ја основал и градежната компанија ФИЗ Констракшн ДООЕЛ Скопје.

Понатаму, директорот на ЈП Македонски шуми, Валентин Груевски не го ажурирал анкетниот лист, а од претходниот имотен лист јасно се гледа дека истиот поседува куќа во Битола, автомобил, а неговиот брачен другар поседува куќа во Ресен. Додека пак Печински кој е вработен во општина Берово е и член на Управен одбор Здравствен Дом Берово и претседател на спортски клуб, крие куќа во Берово и автомобил.

Прашањето кое треба да се одговори е дали Валентин Груевски и Печински преку не поднесување на нови имотни листови се стекнале со имот на криминален начин и истиот сака да го прикријат?“ наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму ја обвинуваат власта дека преку вакво, како што велат, криминално делување свесно ги уништува системот на државата, за што бараат да има одговорност.

ВМРО-ДПМНЕ го повикаа премиерот Ковачевски да ги разреши од функциите.