Земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала што го погоди северниот дел на Филипините, повреди 26 лица и предизвика значителна штета на куќите и јавната инфраструктура, објавија владините агенции.
Земјотресот се случил синоќа во 22:59 часот по локално време во близина на градот Лагајан во провинцијата Абри, 348 километри северно од Манила, објави Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија. Имаше почетна магнитуда од 6,7, но подоцна беше намалена на 6,4, објави институтот.
Според првичните проценки, во некои погодени провинции снема струја, а оштетени се куќи и згради. Болницата во блиската провинција Илокос Норте е евакуирана откако се урна таванот, покажуваат фотографиите што ги сподели на Фејсбук агенцијата за заштита од пожари.
Некои патишта се непроодни поради лизгање на камења или пукнатини, објави Националната агенција за катастрофи.
Филипините се наоѓаат на Пацифичкиот огнен прстен, област со интензивна вулканска активност околу Тихиот Океан, каде што се случуваат околу 90 проценти од земјотресите во светот.
Еден од најсилните земјотреси што ја погоди земјата беше во јули 1990 година, кога повеќе од 2.400 луѓе загинаа на северниот остров Лузон во земјотрес со јачина од 7,8 степени.