Ковачевски го фали Пенов како одличен предлог за министер, ВМРО-ДПМНЕ прашува што може тој да подобри во Владата

Ристо Пенов е одличен предлог за министер за локална самоуправа кој ќе ја зајакне Владата и ќе ја зголеми ефикасноста и успешноста во нејзиното работење. Вака премиерот Димитар Ковачевски го бранеше својот предлог денеска пред пратениците на собраниската седница.

– Станува збор за значаен ресор за нашите општини кои за една година гледаме дека се наоѓаат во проблеми кои ги водат неспособни градоначалници. Предлагам вистински човек, на вистинско место, во вистинско време. Ристо Пенов е синоним за успешен градоначалник, за макотрпна работа, за резултати и успех. Тој е потврда за скромност, чесност и работливост. Тој е човек кој интегрира, соработува и има визија. За него најдобро говорат капиталните проекти во Скопје, улиците, мостовите, инфраструктурата, километрите нови патишта, тротоари, нови плоштади, поддршка на локалните бизниси и на културата, рече Ковачевски.

Тој е убеден дека Владата со Пенов во областа на локалната самоуправа ќе направи многу повеќе во стратешките политики и на локално и на централно ниво.