Опозициската ВМРО – ДПМНЕ, откако истече рокот од 24 часа кој го даде вчера, почна во јавноста да ги открива имињата на функционерите за кои има докази дека не пријавиле имот во анктените листови.
Првото име кое се обелодени во аферата „Тајни имоти“ е на Алберт Муслиу, аналитичар но и владин претставник во Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Тој воопшто нема поднесено анкетен лист до антикорупциската комисија а според ВМРО – ДПМНЕ има стан во центарот на Скопје од 81 квадратен метар и куќа во Скопје од 118 метри квадратни како и основач на фирмата „Макро Мед“ и здружение на граѓани.
Анкетен лист не поднел ниту адвокатот Ивица Јевтиќ, член на Управниот одбор на Прифатниот центар за баратели на азил и пораначен член на Надзорниот одбор на СДСМ. Според информациите на опозициската партија тој поседува стан во Скопје, основач е на градежната компанија „Физ Констракшн“ и на адвокатското друштво „Тошиќ и Јевтиќ“ преку кое дава услуги на матичната партија.
Директорот на ЈП „Македонски шуми“, Валентин Груевски, според ВМРО – ДПМНЕ не пријавил имот откако стапил на функцијата а во стариот е наведено дека поседува куќа и земјиште во Битола и автомобил „голф“, а неговата сопруга куќа во Ресен.
Последено име чие беше објавено е на Новица Печински, член на Управен одбор на „Здравствен дом“ – Берово и вработен во Општоина Берово кој не поднел анкетен лист а кој според партијата има куќа и автомобил на негово име.
Од партијата обвинија дека во Антикорупциската комсија функционери од СДСМ антидатираат анкетни листови и фабрикуваат приемни броеви на анкетни листови.
„ Ја повикуваме ДКСК и останатите институции да почнат да си ја вршат работата, а истовремено ги повикуваме Јевтиќ и Груевски да си поднесат оставки на позициите кои ги држат и да платат казна која им следува по закон, а за тоа постапка да покрене ДКСК“, изјави Бране Птерушевски, пратеник од редовите на ВМРО – ДПМНЕ.
Законот за потекло на имот кој веќе со години се најавува но никако да се изготви и изгласа е една од алатките за борба против корупцијата и во ваквите случаи непријавен имот кај државните функционери.
„Пред некој ден имав средба со претседателката на Антикорупциска. Меѓу другите работи кои се работат е и законот за утврдувањена потекло наимотот. Би требало првата драфт верзија веќе да биде готова. Очекувам во најскоро време и ние како Министерство за правда да бидеме запознаени и дадеме придонес во официјална смисла на зборот дека тој закон што поскор ќе биде донесен. Јас тврдам одговорно и натаму дека и мимо тој закон и пред да биде донесен, во моментот постојат механизми за утврдување и докажување на состојбата на незаконски стекнатиот имот“, изјави министерот Тупанчевски.
А веќе неколку дена Катастарот е целосно нефункционален поради хакерски напад. Граѓаните не можат да ги користат неговите услуги, вработените немаат пристап до системот и не можат да се најават на своите кориснички профили и сајтот е целосно нефункционален.
Како што ВМРО – ДПМНЕ соопшти, тие поседуваат докази за 123 актуелни функционери меќу кои нема членови на Владата или Парламентот, кои воопшто или нецелосно го пријавиле својот имот чија вредност е проценета на 30 милиони евра.