Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, во изјавата на Телеграм рече дека руското воено производство на оружје и опрема расте.
Верниот сојузник на рускиот претседател Владимир Путин реагираше со таа изјава на неодамнешните извештаи на западните воени аналитичари кои сугерираат дека Русија е без проектили и оклопни возила.
„Читајќи ги анализите на непријателот, постојано наидував на изјави дека Русија наскоро ќе остане без воена опрема и оружје, како сè да е веќе потрошено. Не ги поткопувајте надежите! Расте производството на оружје и специјална опрема, од тенкови и топови до високопрецизни ракети и беспилотни летала. Само почекајте“, рече Медведев, пренесува „Си-Ен-Ен“.
Тој додаде дека според инструкциите на Путин, во најголемиот руски производител на оклопни возила била извршена контролна проверка на производството на тенкови и дека размислуваат за дополнително забрзување на снабдувањето на руски војници во Украина.