Ковачевски за Денот на ОН: Солидарноста и заедништвото се најмоќното оружје за одржување на мирот

Солидарноста и заедништвото се најмоќното оружје за одржување на мирот и слободата во целиот свет, но и за справување со кризите пред кои човештвото е исправено, порача денеска на својот фејсбук профил премиерот Димитар Ковачевски, по повод 24 Октомври – Меѓународен ден на Организацијата на Обединетите нации.

Тој напомена дека со одбележување на Меѓународниот Ден на Организацијата на Обединетите Нации, денес ставаме посебен акцент на вредностите кои се патоказот за исполнување на основните цели на Обединетите нации, одржување на меѓународниот мир и соработка, еднакви права за сите народи, решавање на меѓународните проблеми и справување со предизвиците од секоја област.

-Земјите членки на ООН заеднички и солидарно дејствуваат во одбраната и унапредувањето на основните вредности. Тоа е наша обврска и траен влог за подобар и доистоинствен живот за сите народи од целиот свет. Упатувам искрени честитки до Организацијата на Обединетите нации и генералниот секретар Антонио Гутереш, како и на сите земји членки. Честит 24 Октомври, порача Ковачевски.