Русија спроведува масовна евакуација од Херсон

Со оглед на напредокот на украинските сили, Русија ги повика луѓето од окупираните територии во Херсон да се евакуираат. Оние кои веќе се повлечени од градот се пред сѐ соработници на окупаторските сили.

Во меѓувреме за обичните цивили стана уште потешко да го напуштат Херсон. Од речиси 300.000 жители во градот голем дел веќе побегнаа. Во моментов се чини дека е речиси невозможно да се влезе во областите кои се под украинска контрола. Оној кој сака сега да го напушти Херсон мора да оди кон југ на териториите под контрола на Русија. Ана вели дека и безбедносните сили го напуштаат градот. „Гледам како се повлекуваат безбедносните сили, луѓето од ФСБ, руски полицајци. Добар дел од нив се облечени во цивилна облека.“

Украинскиот Генералштаб тврди дека Русија во моментов во Херсон носи млади и неискусни војници. Ова го потврдува и Марија од лице место. „Младите луѓе кои ги носат овде се всушност како сите обични млади деца,“ раскажува таа. „Тие се возат со автомобили низ град, им се додворуваат на млади девојки, сакаа да запознаат девојчиња. Се однесуваат пристојни и не покажуваат страв. Сѐ уште не биле на боиште, па затоа си се смеат и шегуваат.“

Дополнително и украинскиот претседател Зеленски го вклучи алармот – руските трупи ја минираа хидроцентралата Нова Каховка, речиси 70 километри североисточно од Херсон.

Во случај хидроцентралата да биде уништена, би можело 80 населби во регионот да бидат поплавени. Преку браната води и еден многу важен мост. По таргетираните напади од страна на украинската војска во регионот, овој мост е еден од малкуте достапни рути по кои руската војска би можела да ја помине реката Днепар. Но, украинската војска уште во август известуваше дека пукале и го оштетиле мостот што се наоѓа во близина на хидроцентралата во Нова Каховка.