- Не веруваме дека се работи за системски пропуст, туку за системско прикривање на станови, куќи, деловни простори, удели во фирми и депозити. Воедно институциите како комисијата за спречување на корупција и судир на интереси, кои се формирани за спречување на ваквите дејанија, практично се соучесници во шемата која ја креира власта и се нивни заштитници. Сметаме дека се работи за ново злосторничко здружување и организирано криење на имоти. – изјави Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Антикорупциската комисија не сноси вина за непријавени имоти, бидејќи избраните и именуваните лица сами си ги пополнуваат анкетните листови, а доколку некој има докази за прикривање нека ги пријави во комисијата- вели за Канал 5 претседателката на ДКСК Билјана Ивановска. Проверки се прават и по допрен глас, по сопствена иницијатива и по годишен план, додава Ивановска, но се додека не постои софтвер за директно поврзување со институции кои располагаат со податоци, не може да се знае дали некој нешто крие.
- Како да бидеме соучесници, јас не им ги пишувам анкетните листови, или некој од антикорупциска. Ние проверуваме само дали функционерите точно ги пријавиле своите имоти во анкетниот лист, тоа е нашата улога. Доколку постои сомнеж дека имотот што е пријавен надминува разумен износ на нивните просечни заработки во текот на месецот, тогаш тие предмети ги даваме на надлежни институции за истражувања- финансова полиција, финансиско разузнавање. – изјави Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.
Доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина поседува некакви информации за функционери кои не пријавиле имот и сториле некаков прекршок, тие треба да ги достават до надлежната институција а тоа е ДКСК, реагираа од СДСМ. “Белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ е синоним за криминал и незаконски стекнат имот врз грбот на граѓаните. Со судска пресуда за Талир 2 е докажано Белиот дворец вреден околу 7 милиони евра е незаконски, криминално стекнат, врз грбот на граѓаните, односно со пари украдени од граѓаните” – велат од владејачката партија.