Текстилниот сектор спасот го гледа во преструктуирање и создавање на брендови

Текстилниот сектор пополека згаснува, трендот на намалување на бројот на вработени продолжува. Годишно овој сектор останува без еден до три проценти од својата работна рака. Сопствениците на текстилните конфекции со став дека енергетската криза дополнително им ги зголеми трошоците, а како што велат без повеќе пари нема ниту млада работна сила. Ангел Димитров од Организација на работодавачи вели дека спасот е во преструктуирање и на тој начин ќе се зачуваат работните места.

„Мислам дека бројот на работници и понатаму ќе паѓа. Но од друга страна текстилните компании ќе мора да размислуваат за свои брендови, за свој фул-пекич производство каде што додатната вредност ќе биде повисока, а со тоа и средствата што ќе ги добиваат од надвор”, вели Димитров.

Во државата, сепак има текстилни, односно модни брендови кои ги освојуваат и регионалните пазари. Симона Санева сопственик на текстилна конфекција, која произведува брендирана облека вели дека патот до брендирање е тежок, но возможен.

„За разлика од другите компании не зависиме толку од странскиот купувач, нарачател. Имаме свое производство, своја колекција, извозно-ориентирана компанија којашто своите капацитети, односно околу 80 отсто ги покрива со своето производство”, вели Санева.

Венцо Филипов кој е со долгогодишно искуство во овој сектор вели дека за создавање на сопствен бренд потребно е, пред се, знаење.

„Колку што јас сум инволвиран, а често посетувам саеми, за да создадете сопствен бренд треба да имате многу знаење, но и многу пари. Треба ударна реклама и на крајот од се најважен е квалитетот. Без квалитет се ни е џабе”, вели Филипов.

Текстилните фабрики во Штип со години имаат отворени огласи за вработување, но иселувањето на младите е една од најголемите причини што Брегалничкиот регион остана без една четвртина од работоспособното население, а последниот попис покажа дека секој петти граѓанин е над 60 години.