Северна Македонија целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, нотира ЕК

Северна Македонија во делот на поглавјето 30 – надворешни односи е умерено подготвена и има постигнато добро ниво на подготвеност, а во однос на поглавјето 31 – заедничка безбедносна и одбранбена политика постигнат е многу добар напредок со целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ по руската инвазија на Украина, нотира ЕК во Извештајот за напредокот на земјата за 2022 година.

-Северна Македонија постигна многу добар напредок со целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ по руската инвазија на Украина. Со тоа, Северна Македонија покажа дека може да биде доверлив партнер, стои во Извештајот.

Во делот на поглавјето 30 – надворешни односи, во документот се посочува дека ЕУ има заедничка трговска политика кон трети земји, заснована на мултилатерални и билатерални договори и автономни мерки. Постојат и правила на ЕУ во полето на хуманитарна помош и развојна политика.

-Земјата е умерено подготвена во областа на надворешните односи и направи ограничен
напредок во текот на минатата година. Северна Македонија ја продолжи добрата соработка со ЕУ, вклучително и во рамките на Светската трговска организација (СТО), и спроведувањето на ЦЕФТА протоколите. Сепак, Северна Македонија во извештајниот период воведе ограничувања на извозот на одреден број производи без да се презентираат доволно оправдувања, неследејќи ги процедурите утврдени во Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА). Овие одлуки треба да се укинат, а Северна Македонија треба да се воздржува од преземање еднострани трговски мерки без оправдување и претходна консултација со Комисијата, во согласност со нејзините заложби во ССА, се посочува во Извештајот.

Институционалните капацитети за целосно учество во комерцијалните, развојните и хуманитарните политики во ЕУ, се оценува дека се недоволни.

-Минатогодишните препораки беа делумно имплементирани. Во наредната година земјата треба особено да ги отстрани преостанатите неоправдани трговски ограничувања, да воспостави правна рамка која ја покрива меѓународната соработка и развојната политика како и хуманитарна помош кон земјите кои не се членки на ЕУ во согласност со политиките и принципи на ЕУ. Потребна е и понатамошна целосна имплементација на ЦЕФТА Протоколот 6 за трговија со услуги и склучување и усвојување на ЦЕФТА протокол 7 за решавање спорови, констатира документот за извештајниот период.

Во однос на заедничката трговска политика, се посочува дека Северна Македонија продолжи да ги координира своите позиции и тесно ги усогласува своите политики со оние на ЕУ, вклучително и во рамките на СТО и ги поддржува реформите на СТО. Целосно се применуваат одредбите од Договорот за олеснување на трговијата, а Националниот комитет за олеснување на трговијата се состана двапати во 2021 година. Немаше напредок во преговорите за пристапување кон Договорот за државни набавки на СТО.

Административниот капацитет на Министерството за економија, кое е задолжено за трговската политика треба да биде дополнително зајакнат. Во март 2022 година, се посочува, Владата воведе квантитативни ограничувања со забраната за извоз на сончогледово масло, пченица, јачмен, пченка и пченично брашно, оправдувајќи го тоа со критичен недостиг на основни производи на домашниот пазар во светло на војната во Украина. Овие ограничувања беа укинати во мај 2022 година.

Меѓутоа, во јули 2022 година, Северна Македонија повторно ги воведе рестрикциите за извоз на пченица, пченично брашно и семки од сончоглед и ги прошири овие ограничувања на одредени видови дрво. Во секој од овие случаи, не беа обезбедени доволно докази за недостиг и Комисијата не беше однапред известена или консултирана како што се бара според ССА. Во октомври 2022 година Владата одлучи да ги укине 105-те ограничувања за извозот на пченица, пченично брашно и семки од сончоглед. Останатите извозни ограничувања на одредени видови дрво треба да се отстранат без одлагање, освен ако нема доволно оправдување за тоа.

Северна Македонија продолжи активно да учествува во ЦЕФТА и претседаваше со активностите на организацијата во 2021. Земјата се обврза да го спроведе акцискиот план за развој на заеднички регионален пазар меѓу земјите од Западен Балкан. Во тек е имплементацијата на Дополнителниот протокол 6 за услуги.

Земјата зеде активна улога во спроведување на зелените коридори, обезбедувајќи непречен проток на основните добра на клучните гранични премини со соседните земји. Изменетиот договор за слободна трговија меѓу Северна Македонија и земјите од ЦЕФТА беше ратификуван во декември 2021 година, заменувајќи го Протоколот во врска со концептот на потекло на производи и методи на административна соработка.

Системот за контрола на извозот на стоки и технологии со двојна употреба е функционален. Земјата подготви измени на својот рамковен закон за контрола на извозот со двојна употреба со цел да го усогласи со Регулативата на ЕУ 2021/821 за контрола на извозот, трансферот, посредувањето и транзитот на стоки и технологии со двојна употреба. Редовно се врши информирање на индустријата за законските измени.

Во сила се 39 билатерални договори со трети земји (БИТ), од кои 19 се со ЕУ земји членки. Земјата работи на ажурирање на постоечкиот модел на договори за БИТ. Немаше напредок во развојната политика и хуманитарната помош. Земјата се охрабрува да воспостави рамка на политики во областите на развој и меѓународна соработка, како и хуманитарна помош, кон земји кои не се членки на ЕУ во согласност со важечките политики и принципи на ЕУ.

Поглавјето 31 – Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, се однесува на обврските на земјата за усогласување во овие сегменти со политиките на ЕУ. Имено, земјите-членки мора да бидат способни да водат политички дијалози во рамките на надворешната, безбедносна и одбранбена политика, да се усогласуваат со изјавите на ЕУ, да учествуваат во акциите на ЕУ и да ги применуваат договорените санкции и рестриктивни мерки.

-Северна Македонија достигна добро ниво на подготовка во областа на заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика. Постигнат е многу добар напредок во текот на извештајниот период, откако земјата целосно се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ по руската инвазија на Украина, се оценува во Извештајот.

Учеството во мисиите и операциите за управување со кризи на ЕУ беше засилено. Во наредната година, се посочува, земјата треба да ја одржува целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Редовен политички дијалог за прашања од надворешната и безбедносната политика меѓу ЕУ и земјата продолжи, вклучително и преку активен ангажман на Северна Македонија во неформалниот дијалог на ЕУ и Западен Балкан на ниво на политички директори. Постои институционална рамка која овозможува учество на земјата во заедничката надворешна и безбедносна политика и соодветно заедничка безбедносна и одбранбена политика. За заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП), стапката на усогласување на земјата со релевантни изјави на високи претставници на ЕУ во име на донесените одлуки на ЕУ и Советот е 100 отсто во февруари 2022 година (во споредба со 96 отсто во 2021 година). Ова јасно ја потврдува стратешка ориентација на земјата кон ЕУ.

По руската инвазија на Украина, земјата веднаш целосно се усогласи со рестриктивните мерки на ЕУ за Русија и Белорусија, вклучително и за неподмирените санкции наметнати по нелегалната анексија на Крим. Владата продолжува да ги спроведува рестриктивните мерки на ЕУ. Северна Македонија протера 11 руски дипломати и во најмалку два наврати одби дозвола за прелет на 106 руски владини авиони.

Северна Македонија, се додава, се усогласи и со сите изјави на ЕУ поднесени во меѓународни организации (ОН, ОБСЕ и Советот на Европа), вклучувајќи ги и позицијата на ЕУ во Генералното собрание на ОН при гласањето за резолуциите во врска со агресијата на Русија против Украина и нејзиното хуманитарно влијание. Северна Македонија гласаше, се додава, за суспензија на Руската Федерација од Советот за човекови права на ОН.

Извештајот нотира и дека Северна Македонија одржува билатерален договор за имунитет со Соединетите Американски Држави, со кој американските граѓани се изземени од јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд. -Со ова, земјата не ги почитува заедничките позиции на ЕУ за интегритетот на Статутот од Рим или со поврзаните водечки принципи на ЕУ за билатералните договори за имунитет. Затоа е потребно усогласување со позицијата на ЕУ, стои во документот.

За спречување конфликти, Северна Македонија, ја продолжи имплементацијата на
Регионален патоказ од 2018 година за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и нивна муниција во Западен Балкан. За неширење, Северна Македонија учествува во некои, но не во сите меѓународни аранжмани и инструменти. Земјата учествува во Иницијатива за безбедност од пролиферацијата и Хашкиот кодекс на однесување.

Земјата е посветена на исполнување на барања за приклучување кон Васенар аранжманот. Земјата претседаваше со Мултинационалната советодавна група на Центарот за безбедносна соработка (RACVIAC) до октомври 2021 година. Таа продолжи активно да соработува со меѓународните организации, воедно се приклучи кон ЕУ со поддршка на одлуката за суспендирање, а подоцна и исфрлање на Русија од Советот на Европа.Како претседавач со ОБСЕ во 2023 година, Северна Македонија и се приклучи на Полска и Шведска во Тројката на ОБСЕ од јануари 2022 година и ќе го презеде претседавањето со Групата за Медитеранско партнерство за соработка.

Во однос на безбедносните мерки, во сила е Законот за класифицирани информации, кој се темели на одлуката на Советот од 2013 година. Подзаконските прописи со кои се регулира инспекцискиот надзор на работа со класифицирани информациите се во сила од 2019 година, додека оние за лична безбедност беа усвоени во јули 2022. Договори за размена и заемна заштита на класифицирани информации беа потпишан со Грција и САД во 2021 година и се преговара со Белгија, Португалија и Норвешка.

Земјата продолжи активно да учествува во операциите на ЕУ за управување со кризи во рамките на заедничката безбедносна и одбранбена политика (CSDP), особено EUFOR ALTHEA во Босна и Херцеговина. Северна Македонија учествува во воената тренинг мисија во Централно Африканската Република (EUTM RCA). Во февруари 2022 година, Северна Македонија ја потпиша нотата за Пристапување кон Техничкиот договор за воспоставување мултинационална борбена група на ЕУ со Грција како рамковна нација и учество на Бугарија, Кипар и Романија (HELBROC BG).

Северна Македонија одржува присуство во голем број мисии предводени од НАТО, вклучително и КФОР во Косово. Во мај 2022 година, Северна Македонија беше домаќин на НАТО вежбата „Брз одговор 22“ во која учествуваа 4.500 лица од осум сојузнички земји. Земјата продолжува да учествува во мировната операција на Обединетите Нации во Либан (УНИФИЛ).

Северна Македонија го заврши истражувањето за хибридни ризици на ЕУ со цел да се идентификуваат системски ранливости и рационализирање на помошта обезбедена од ЕУ на ова поле. Врз основа на препораките на ЕУ од истражувањето, Владата ја усвои Националната стратегија за градење отпорност и справување со хибридни закани (2021-2025), заедно со Акционен план во декември 2021 година, се заклучува во Извештајот за поглавјата 30 и 31 кои се дел од Кластерот 6.