Претседателски избори во Словенија, утре е првиот круг

Граѓаните во Словенија утре гласаат во првиот круг од претседателските избори, а анкетите покажуваат дека ниту еден од кандидатите нема да освои повеќе од 50 отсто од гласовите, неопходни за победа.

На изборите учествуваат 7 кандидати, од кои тројца имаат најмногу шанси за победа – поранешниот министер за надворешни работи – Анже Логар, адвокатката и активистка за човекови права – Наташа Пирц Мусар и кандидатот на владејачката коалиција – Милан Брглез.

Доколку утре нема победник, двајцата кандидати со најмногу гласови ќе влезат во вториот круг на 13 ноември.

Според последните анкети, Логар може да смета на влез во вториот круг, додека Пирц Мусар и Брглез се борат за второто место.

Изборите се сметаат за тест за либералната влада на Роберт Голоб, кој го смени кабинетот на популистот Јанез Јанша пред 6 месеци, по парламентарните избори на 24 април, во услови на криза поттикната од руската војна против Украина.

Логар, член на Словенечката демократска партија на Јанша, според последните анкети има поддршка од околу 30 отсто од гласачите.

Независната кандидатка Наташа Пирц Мусар (54), адвокатка специјализирана за заштита на лични податоци и поранешен новинар, според анкетите може да смета на околу 20 отсто од гласовите.

Според анкетите, зад Пирц Мусар е пратеникот на владејачките социјалдемократи, 55-годишниот Милан Брглез, пратеник во Европскиот парламент и поранешен претседател на словенечкиот парламент. Брглез, кој е поддржан и од Движењето за слобода на премиерот Голоб, според анкетите има поддршка од околу 17 отсто од гласачите.

На изборите учествуваат независниот кандидат Владимир Пребилич, градоначалник на Кочевје, а потоа гинекологот Сабина Сенчар, членот на партијата Левица Миха Кордиш и членот на десничарската Нова Словенија Јанез Циглер Краљ, поранешен министер за труд.

Победникот на изборите ќе го наследи центристот Борут Пахор, чиј втор петгодишен претседателски мандат истекува во декември, а Уставот не му дозволува да се кандидира за трет.