Половина месец нема реакција за аферата „Броило“ од Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), како додека Ковачевски е функционер, фирма основана од него земала државна помош, велат утрово од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија преку соопштение коментираат дека е невидено ЈО и ДКСК да немаат институционален одговор повеќе од половина месец на голем број изнесени факти за судир на интереси и тргување со влијание во аферата Броило.
„Во центарот на таа афера и соларниот картел е дезертерот Ковачевски, а свртени се над 26 милиони евра. ДКСК во обид предвремено да го амнестира Ковачевски, кажа дека нема судир на интереси во аферата Броило, и уште повеќе се заглави, бидејќи и самиот Ковачевски призна дека додека е заменик министер за финансии се префрлани пари на Пиксел груп, фирма која е основана од него. ВМРО-ДПМНЕ потоа поднесе претставка до ДКСК за аферата Броило, но од таму молк. Не реагира ниту ЈО, иако има сознанија и факти во медиумите дека фирма основана од премиерот, е вмешана во афера тешка над 26 милиони евра. Пиксел груп е фирмата која за една година откако е формирана гради фабрика за фотовилатици, а 8 месеци откако Ковачевски станува премиер влегува во инвестиција од 54 милиони евра во ТИРЗ Тетово заедно со новоформирана бугарска фирма“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што додаваат, подемот и успехот на „Пиксел груп“ се врзани со времето додека СДСМ е власт во Македонија. А во истиот тој период КМГ ЕОЛ Квазар сопственост на кумот на Ковачевски добил 2 милиони евра државни тендери и склучил договор со ЕВН тежок над 2 милиони евра.