За неполн месец ќе се знае кој обвинител ќе ја заземе позицијата што до неодамна ја имаше обвинителката Вилма Русковска. Поточно, на 7 ноември, обвинителите од целата држава ќе гласаат кој да биде новиот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, објави „Фокус“.
Изборот за првпат зависи од сите обвинители во државава, но, сепак, не се исклучуваат лобирања и притисоци. Веќе наголемо се зборува дека од ДУИ имале свој фаворит, односно замислиле шеф на Организиран да биде некој по нивен „вкус“.
Засега, единствено скопскиот обвинител Ермон Незири објави дека сака да застане на шефовската позиција. Тој првпат за обвинител бил избран во 2009 година.
Како што дознава „Фокус“, својата апликација веќе ја поднела обвинителката Енѓелуше Кадриу Леши.
Таа првпат за обвинител во скопското обвинителство беше избрана на крајот на 2012 година, а на екипата во Организиран се приклучи во 2018 година. И името на гостиварскиот виш обвинител Ислам Абази е можно да се најде на листата на кандидати. Тој за шеф беше избран во 2018 година, а сега е можно обвинителската кариера да ја продолжи во Скопје.