Судот во Русија нареди апсење на новинарката Марина Овсијаникова, која во март годинава ја прекина централната информативна програма на Првиот канал на државната телевизија со плакат против војната во Украина, јави Ројтерс, повикувајќи се на агенцијата Интерфакс.
На почетокот на овој месец Овсијаникова побегна од домашен притвор, а во понеделникот нејзиниот адвокат потврди дека ја напуштила Русија.
Рускиот суд вчера и одреди мерка притвор на ТВ новинарката од 1 месец и 29 дена откако ќе биде екстрадирана или приведена во земјата.
На почетокот на овој месец, судот одби да го исполни барањето на Истражниот комитет на Руската Федерација да издаде налог за апсење на Овсијаникова, забележува Интерфакс.
Во август, руската новинарка со украинско потекло беше ставена во домашен притвор, а нејзиниот дом беше претресен поради обвинувања дека шири лажни информации за вооружените сили на земјата, откако сама протестираше во близина на Кремљ.
Овсијаникова би можела да биде осудена на 10 години според законот против дезинформации усвоен од рускиот парламент по инвазијата на Украина.