Лидерите на Европската унија денеска го отворија дводневниот самит во Брисел, поделени околу можноста и методите за ограничување на цената на гасот, со цел да се спречи енергетската криза поттикната од војната на Русија против Украина и прекинот на испораката на гас за Унијата од страна на Русија.
Водечките земји на ЕУ, Германија и Франција, се во спротивставени табори, бидејќи Берлин се сомнева во плановите за ограничување на цените на гасот, кои се поддржани од повеќето членки, пренесува Бета.
Францускиот претседател Емануел Макрон по пристигнувањето на самитот укажа на неопходноста од европско единство.
– Не е добро за Германија или за Европа што (земјата) се изолира. Важно е да постигнеме едногласност за предлозите кои бараат широк консензус, рече Макрон.
Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека евентуалниот спор е за методот, а не за целта.
– Цените на гасот, нафтата и јагленот мора да се намалат, цената на струјата мора да се намали, а тоа е нешто што бара заеднички напор од сите нас во Европа, рече Шолц.
Холандскиот премиер Марк Руте исто така рече дека стравува дека испораките на гас ќе завршат надвор од Европа доколку се постави превисоко ограничување на цената на овој енергенс.
– Сите сакаат цената на гасот да биде пониска, но сакате да обезбедите и продолжување на увозот на гас, рече Руте.
Несогласувањето околу ограничувањето на цените на гасот навестува тешки разговори на самитот, а решение нема да биде лесно да се најде до утре попладне, кога состанокот треба да заврши.
Најавено е дека претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на почетокот на средбата ќе им се обрати на лидерите преку видео-врска и ќе ја нагласи потребата од силно единство на ЕУ во соочувањето со Русија.
Шолц рече дека Зеленски не треба да има такви грижи и ги опиша руските напади врз цивилната инфраструктура во Украина и сеењето страв со дронови како „воени злосторства“.
– Дури ни тактиките на изгорена земја нема да и помогнат на Русија да победи во војната. Тие само ја зајакнуваат решителноста и издржливоста на Украина и нејзините партнери, рече Шолц пред пратениците во Берлин пред да замине за Брисел.
Цените на природниот гас летово излегоа од контрола, додека земјите од ЕУ се обидоа, секоја за себе, да обезбедат што е можно поголеми резерви на гас за зимата. Сега лидерите на ЕУ ќе се обидат максимално да го стандардизираат купувањето на гас и да постават привремена граница на цената на овој енергенс.
Земјите-членки претходно се согласија да ја намалат побарувачката на гас за 15 отсто во текот на зимата. Тие се обврзаа до ноември да ги наполнат складиштата за гас до најмалку 80 отсто капацитет, како и да ја намалат побарувачката на електрична енергија за најмалку пет отсто кога таа е во својот врв.
Прашањето за можни ограничувања на цените на гасот во ЕУ постојано се движи на политичката агенда со месеци, бидејќи енергетскиот постојаноа се засилува, а 15 земји како Франција и Италија се залагаа за таква остра интервенција.