Над еден милион евра им должи Град Скопје на приватните превозници. Од „Слобода превоз“ и „Макеспрес“ за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека три месеци не им се дадени пари, а веќе три недели не им се исплаќаат ниту неделните аванси. На „Слобода превоз“ му се должат 45 милиони денари, а на „Макеспрес“ 25 милиони денари.
„Чекаме да видиме на денешната седница дали ќе бидат предвидени пари и за нас. Не може на ЈСП Скопје да им се дадат пари само за нивните плати, мора да има и за нас во спротивно и ние нема да возиме. На ЈСП им се касни три дена, а нас ни каснат три месеци“, вели Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.
Милорад Димитриевски еден од сопствениците на „Макеспрес“ вели дека тие и во моментов не возат со сите автобуси оти немаат пари да стават нафта.
„Денеска имаме состанок во Град Скопје и ќе видиме што ќе се долучи, но доколку нема пари и за нас, нема ниту ние да возиме“, вели Димитриевски.
Приватните превозници не возеа во мај годинава бидејќи исто така Градот им должеше пари за три месеци.
Приватните превозници со одлука во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски добиваат по едно евро за секој изминат километар за линиите на кои возат.
Од утрово, во Скопје нема јавен превоз. Автобусите на ЈСП Скопје ги нема на улиците бидејќи вработените немаат земено плата за септември, а раководството на претпријатието и на Град Скопје не најде решение.