Град Скопје пренамени 2 милиони евра, ќе има плати за ЈСП

Околу 2 милиона евра се пренаменети од други проекти од буџетот на Град Скопје за плати во ЈСП „Скопје“.

Ова е решено на денешната втора вонредна седница на градскиот Совет каде се усвои одлуката да се пренаменат 133 милиони денари за да може да се префрли плата на вработените. По ова и ова, автобусите од јавниот превоз почнаа да возат низ градот откако утрово не излегоа од гаражите.

Од ЈСП „Скопје“ потврдија дека автобусите попладнево повторно почнаа да сообраќаат на сите линии според возниот ред.

Седницата помина без партиски препукувања меѓу градоначалничката и советниците. Сите едногласно ја прифатија одлуката за пренамена на парите.

Градоначалничката Данела Арсовска ги замоли сите заеднички да најдат начин како да се помогне претпријатието.

„Ова е првпат во историјата на Македонија да се излезе на штрајк и да нема превоз за 5 дена доцнење на плата. Но, Градот до доцна работеше и најде начин да се обезбедат пари за овие луѓе кои работат секојдневно да добијат плата. ЈСП со децении е загубар и никој 30 години не ја смени оваа ситуација. Сите тие што се членови на управни одбори носат исто така одговорност за оваа ситуација. Сега ве замолувам сите да ја гласате оваа одлука и во иднина заеднички да работиме да се решат проблемите кои се влечат до години“, рече Арсовска.