„На крајот на краиштата, после сè, би рекле: ‘Дали сте на вистинската страна на историјата’, а таа вистинска страна на историјата нема многу врска со аргументите, туку всушност значи дека сте на нивна страна. Ако не сте на нивна страна, тогаш не сте на вистинската страна на историјата“, вели српскиот претседател Вучиќ кој смета дека нема да биде доволно ако Србија воведе санкции кон Русија.
Сè додека можеме да издржиме без да ги загрозиме нашите највитални национални и државни интереси, ќе ја следиме политиката утврдена со заклучокот на Советот на национална безбедност во врска со санкциите кон Русија, рече претседателот на Србија, Александар Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање дали новата влада барем ќе размисли за воведување санкции кон Русија.
„Кога нема да можеме да издржиме, ќе им се обратиме на нашиот народ и на граѓаните и ќе кажеме зошто не можеме“,истакна Вучиќ на церемонијата по повод 20-годишнината од формирањето на Безбедносно-информативната агенција (БИА).
Српскиот претседател додаде дека нема да биде доволно дури и ако Србија каже дека ќе воведе санкции кон Русија.
„Ако мислите дека е доволно Србија да каже дека утре ќе воведе санкции кон Русија, не, тоа доволно не би било, верувајте ми. На крајот на краиштата, после сè, би рекле: ‘Дали сте на вистинската страна на историјата’, а таа вистинска страна на историјата нема многу врска со аргументите, туку всушност значи дека сте на нивна страна. Ако не сте на нивна страна, тогаш не сте на вистинската страна на историјата“,рече Вучиќ и се осврна на тоа што значи „вистинска страна на историјата“ од гледна точка на Западот.
Вистинската страна на историјата, додава Вучиќ, гласи „откажете се од Косово затоа што само така ќе добиете мал подарок, за кој нема да ви кажеме што е, но секако е мал подарок“.
„Денеска никој не ми се заканува мене како на Александар Вучиќ поради функцијата претседател на Србија, тие отворено ѝ се закануваат на целата наша држава и на нејзиниот опстанок“, рече српскиот претседател.
Во последниот извештај на Европската комисија се наведува дека Србија уназадила во процесот на усогласување на својата надворешна политика со ЕУ и дека стапката на усогласеност е значително намалена, од 64 отсто претходната година на 45 отсто, поради одбивањето на земјата да ги почитува санкциите на Европската Унија против Русија.