Нови експлозии одекнаа во Киев

Неколку експлозии одекнаа во раните утрински часови во Киев, точно една недела откако Русите извршија напади врз главниот град на Украина.

Нападот го извршиле беспилотни летала – камикази, соопшти Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател.

Русите мислат дека тоа ќе им помогне, објави тој на Телеграм.

Три експлозии биле регистрирани меѓу 6:35 и 6:58 часот по локално време. Сирените сигнализираа за воздушен напад непосредно пред првата експлозија.

Минатиот понеделник, на 10 октомври, Русите силно го бомбардираа Киев и други украински градови, при што загинаа 19 лица, а беа повредени 105, што предизвика меѓународна осуда. Еден ден подоцна, Русите продолжија со воздушните напади, но со помала жестокост, а нивна главна цел беа енергетски постројки на западот на Украина.

Минатонеделните напади се сметаа за одмазда за експлозијата на Керчкиот мост што ја поврзува континентална Русија со Крим, за која Кремљ смета дека е дело на украинската тајна служба. Руската армија како одговор ги нападна Киев и повеќе други градови во Украина, при што загинаа најмалку 19 луѓе, а 105 беа ранети, а цел на нападите беа пред се` инфраструктурата и енергетското снабдување.

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот изјави дека во руските напади не биле погодени сите планирани цели, иако смета дека не се потребни нови толку масивни удари како пред една недела.