Досега од Украина се испорачани 7,7 милиони тони жито на 345 бродови

Од потпишувањето на договорот за извоз на жито од Украина, вкупно 345 бродови превезле 7,7 милиони тони жито од украинските пристаништа, јавува Анадолија.

Министерот за национална одбрана на Турција Хулуси Акар и министерот за инфраструктура на Украина Олександр Кубраков денеска го посетија Заедничкиот координативен центар, кој продолжува со своите активности во Истанбул.

Зборувајќи за новинарите по посетата, Акар потсети дека пред три месеци беше потпишан договор за извоз на украинско жито, во чии рамки беше формиран Заеднички координативен центар во Истанбул.

„Во овој тримесечен период, вкупно 345 бродови испратија 7,7 милиони тони жито од украинските пристаништа. Ова е задоволителен резултат“, рече Акар, заблагодарувајќи им се на сите што придонесоа за тој резултат.

Украинскиот министер Кубраков им се заблагодари на Ердоган и министерот за одбрана Акар за нивниот придонес во создавањето на коридорот за жито:

– Со успехот на споменатата иницијатива за жито, количината на испорачаното жито се приближи до осум милиони тони. Сметаме дека оваа иницијатива треба да продолжи, рече Кубраков.