Заменик-јавниот обвинител на Бугарија Борислав Сарафов соопшти дека е утврдено кое конкретно лице го извршило хакерскиот напад врз веб-страниците на бугарската влада во саботата.
Тој рече дека лицето не е во Бугарија, туку на територијата на Русија. Сарафов коментира дека е познато името и адресата на лицето кое се наоѓа на територијата на Руската Федерација. Тој додаде дека претстојат дејствија за правна помош во врска со истрагата на бугарските власти.
Во саботата владините веб-страници станаа предмет на хакерски напад од градот Магнитогорск во Русија. Главниот обвинител на Бугарија на вонредна прес-конференција коментираше дека на случајот работат Државната агенција за национална безбедност, Генералниот директорат за борба против организиран криминал, како и специјално создадениот оддел за „Сајбер криминал“.