По месец и половина директорување, „Електрани на Северна Македонија“ го разреши првиот човек на подружницата која е задолжена за купување на увозна електрична енергија за потребите на државното електростопанство и ги продава нејзините вишоци на струја. Мирсад Црновршанин беше именуван на 1 септември за директор на подружницата „ЕСМ продажба“ со мандат од една година. Тој е инаку од прилепско Лажани, сопственик на локален маркет.
За нов директор е назначен Златко Пиперковски, поранешен директор на РЕК „Осломеј“, разрешен од таа функција пред една година.
Досега како директори на „ЕСМ продажба“ се сменети четири лица. На оваа позиција беа и Александар Обрадовиќ, поранешниот советник на поранешниот премиер Зоран Заев, како и Синиша Ивановски, поранешниот директор на „ЕЛЕМ трејд“.
Во последниот период ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно ја критикуваше работата на „ЕСМ продажба“ за, според нив, манипулативната продажба на ноќни вишоци на електрична енергија на привилегирани трговци по цени кои се пониски од берзанските.